ЗАКОН ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО И МЛАДИНСКИ ПОЛИТИКИ
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Глава I. Предмет на законот
Член 1
Предмет на уредување на овој закон се формите на младинско организирање, учество на младите во процесот на креирање на младински политики и донесување одлуки кои се однесуваат на нив, стратешките документи на национално и локално ниво, активностите и мерките кои ги преземаат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа за унапредување на положбата на младите во општеството, како и информирање и заедничко планирање на активности поврзани со и за млади.
Цел на законот
Член 2
Цел на овој закон е да обезбеди:
1) креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа преку повеќе секторски пристап, поаѓајќи од потребите и интересите на младите;
2) зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики за млади, активно информирање, промоција и заштита на интересите на младите, како и зајакнување на свеста за важноста на младите и нивната општествена улога;
3) промовирање меѓугенерациско партнерство за поддршка на учество на младите во процесот на донесување на одлуки и политики;
4) поддршка и унапредување на младинското организирање;
5) поттикнување на структурен дијалог на национално и локално ниво;
6) поттикнување на волонтерство, младински активизам и младинската работа и
7) поттикнување на личен, професионален и социјален развој кај младите.
Дефиниции
Член 3
Одредени изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1) “млади” се лица на возраст од 15 до 29 години;
2) “младинска политика” е збир на мерки и активности кои се преземаат за да се задоволат потребите на младите, со цел остварување на нивниот полн потенцијал;
3) “младинско учество” претставува процес кој им овозможува на младите учество и заедничко носење на одлуки за политики и програми кои директно или индиректно го обликуваат животот на младите;
4) “младинска работа” претставува организиран и систематски процес на едукација и поддршка на автентичниот развој на младите со цел остварување на нивниот целокупен личен, социјален и општествен потенцијал и нивно активно вклучување во животот на заедницата;
5) “младински работници” се квалификувани лица кои поседуваат компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење.